Posted on

Чекор по чекор до одржливо живеење

Сите знаеме колку е важно да го намалиме нашиот еколошки отпечаток, но доколку не знаеме од каде да почнеме може да изгледа навистина страшно. Ова се случува токму поради причината дека многумина од нас живеат живот кој целосно се коси со принципите на одржливо живеење – купуваме премногу и фрламе подеднакво, трошиме многу електрична енергија, се произведува пластика која ја загадува околината и воздухот.

Кога сакаме да започнеме со одржливо живеење, многу е важно да го знаеме фактот дека тоа не може да се случи наеднаш и веднаш, туку целиот процес оди постепено, односно како ние милуваме да кажеме – чекор по чекор.

Во прилог пет мали чекори кои може да ги направите за почеток:

1. Сменете го начинот на перење на алиштата

Околу 25% од јаглеродниот отпечаток на облеката доаѓа од начинот на кој ја переме и негуваме. Синтетичките влакна како полиестер фрлаат ситни микропластични честички во доводот на вода, додека прекумерното перење исто така го намалува животниот век на облеката.

2. Пробајте да најдете и јадете „отфрлена“ храна

Повеќе од една третина од фармерското овошје и зеленчук никогаш не успеваат да стигнат до полиците на супермаркетите затоа што се сметаат за „премногу грди“ – што претставува голем проблем за планетата, бидејќи отпадот од храна е одговорен за шест проценти од вкупните емисии на стакленички гасови во светот.

Јадењето на крив морков или краставица е најмалку што можеме да направиме за нашата планета.

3. Променете дел од вашите навики за потрошувачка на енергијата

Ако, како нас, сè уште го слушате гласот на вашите родители во главата кои ви велат да ги исклучите светлата кога ќе излезете од собата, сега е време да почнете да слушате. Додека технологијата за домаќинство станува почиста и попаметна, сè уште има многу простор да ги разбереме нашите лоши навики – а во исто време да заштедиме пари. Ако можете, префрлете се на снабдувач со енергија што користи обновлива електрична енергија од соларни, ветерни и хидро извори.

4. Купувајте тоалетна хартија на големо (Yes, really!)

Наместо да ја купувате вашата тоалетна хартија во мали пакувања од супермаркет, погледнете ги опциите за испорака на големо. Плус поени ако можете да најдете спакувана во хартија без пластика

5. Поправање (repair), повторна употреба (reuse), рециклирање (recycle), намалување (reduce)

Запомнете ги четирите Р за одржливо однесување и применувајте ги во пракса секогаш кога сте во можност:

Поправете се што е скршено или истрошено пред да купите ново, или со тоа што ќе го однесете кај експерт или пак сами преку упатствата кои може да ги најдете на интернет.

Повторно употребете сè што можете, од пренаменување на контејнери за носење до користење на стари маици како партали за чистење.

Рециклирајте правилно!

Намалете ја потрошувачката колку што можете; без разлика дали тоа е преку предизвик без купување, изнајмување, замена, позајмување или едноставно поставете си го прашањето: „Дали навистина ми треба ова?

За крај, запомнете – не можеме да го купиме нашиот пат до поздрава планета, но можеме подобро да го искористиме она што веќе го имаме. Помалку навистина е повеќе!

Posted on

Колку може да се користи талогот од кафе во урбаното градинарство?

Кафето е едно од најпопуларните пијалаци во светот. Според Статиста, потрошувачката на кафе само во 2020-2021 година е 166.63 милиони 60 килограмски ќеси. Тоа значи и создавање на огромна количина на органски отпад. Дали може да го смениме ова? И како би можеле да го користиме кафето?

Истурањето на талогот во растенијата е практика која ни ја пренеле постарите, заедно со препораката дека не треба да го правиме ова често. Зошто?

Инхибирачко дејство

Талогот од кафе (spent coffee ground SCG) има инхибирачко дејство врз развојот на растенијата. Многу студии покажале дека дури и мали дози на талог од кафе измешан со почвата или супстратот на кој се одгледуваат растенијата, предизвикува нивно намалено растење. Се претпоставува дека фенолите кои ги содржи талогот се должни за оваа карактеристика. Но, инхибирачкото дејство на талогот се намалува со текот на времето. Така едно јапонско истражување на дејството на талогот од кафе врз легуминозни растенија и треви, од 2014 година, покажало дека првата година развојот на културите бил инхибиран, но веќе наредната година, на истата почва растенијата покажале подобар развој отколку на контролата. Исто така, апликацијата на коњско ѓубриво го анулирало инхибирачкиот ефект на талогот уште првата година и дополнително дало подобри резултати отколку користењето на исклучиво коњско ѓубриво.

Да сумираме, талогот од кафе може да има долгорочно позитивно влијание врз растенијата, но краткорочно – ќе го забави растот на растенијата. Ова дејство овозможува да може да се користи како мулч (во тенок слој) и на тој начин да се спречи развојот на плевелите или за компостирање, што ќе овозможи да се изгуби инхибирачкото дејство.

Влијание врз почвата

Постојат многу различни податоци за pH на талогот од кафе, сепак, доколку ги земеме предвид објавените научни студии, може да заклучиме дека талогот од кафе има влијание врз зголемување на киселоста на почвата. Веројатно, типот на кафе има влијание врз киселоста, но повеќето податоци укажуваат дека pH се движи од 4,8 до 5,8.

Талогот од кафе влијае и врз намалување на содржината на карбонати во почвата,  значајно зголемување на содржината на калиум, збогатување на почвата со јаглерод, азот, фосфор и со микроелементи како бакар, цинк и железо. Дополнително, талогот од кафе ги врзува пестицидните резидуи и тешки метали како кадмиум.  

Талогот има дејство и врз зголемување на електричниот кондуктивитет, кое дејство со време се губи. Покрај тоа, делува и на намалување на привидната густина и зголемување на водозадржливоста на почвата, што значи може поволно да делува на водно-физичките својства на почвата. Исто така се покажало дека ја стимулира активноста на почвените микроорганизми, а бактериите и габичките кои се развиваат при разградувањето на талогот, превенираат развивање на некои патогени микроорганизми.

Една неодамнешно објавена студија ги разгледува ефектите на талогот од кафе и лушпите од јајца како подобрувачи на почва. Така, мешавините од овие два „отпадоци“ се покажале како особено вредни подобрувачи на почва, кои можат да ги облагородат лесните почви со ниска pH, заради високата содржина на калциум и магнезиум како алкализирачки компоненти и заради збогатувањето на почвите со калиумот кој го содржат.

Компостирање

Талогот од кафе е супер материјал за компостирање. Компостирањето овозможува да се искористат сите позитивни влијанија на талогот и да се намали инхибирачкото дејство.  

Неколку детали во врска со користењето на талогот од кафе:

· талогот од кафе не треба да биде повеќе од 20 % од целосниот материјал што се компостира, за да се избегне фитотоксичниот ефект

· талогот треба да се додаде во материјалот за компостирање само откако ќе се излади, со цел да не се уништат корисните микроорганизми

· да се користи во мали количини при вермикомпостирање, како би се избегнало потенцијалното лошо влијание врз црвите

· доколку се користи како мулч, да се аплицира тенок слој, уште подобро доколку дополнително се покрие со кора од дрво или друг сличен тип материјал за мулчирање

· талогот може да се додаде околу ацидофилни растенија како боровинки, азалеи, кринови и др.

Posted on

Од попладне на клупа во парк, до социјално претпријатие

Еко – хабитат: Како дојде до идејата за О-круг?

Марија: Додека седевме во недела попладне на клупа во парк, ги приметивме огромните количини на гајби исполнети со отпадни лушпи од цедените портокали испиени дента. Како дете од фамилија во која се зборува за отпад од храна, циркуларност и одржливост, сосема органски ми дојде потребата да се едуцирам повеќе на темата „што со овој отпад кој загадува“. По доста истражување заклучивме дека во кората всужност можеби се крие најголемото богатство – чисто есенцијално масло, кое е основа за повеќе од 100 различни производи според последната анализа на УНДП. Па така се одлучивме оваа наша идеја од отпад да произведуваме производи да ја преточиме во реален и наградуван бизнис модел кој покрај зелениот импакт ќе прави и социјален импакт преку вработување на млади, посебно млади од маргинализираните категории.

Еко – хабитат: Кој е тимот кој работи на оваа идеја?

Марија: Формата на О-Круг и тимот се менуваа неколкупати во текот на овие 2 години, започна во средношколските клупи, но по матурирањето обврските на одредени членови се зголемија/намалија, а со тоа право пропорционално и нивната посветеност на иницијативата. Денеска во тимот моја десна рака се Марко Василев, Матеа Боневска и Елена Божиновска, но покрај нас имаме и доста волонтери-луѓе спремни да помогнат во секој сегмент на нашето работење. Нашата голема цел за О-Круг како бизнис е да станеме регионален добавувач на природно есенцијално масло од портокал, а како организација голем поддржувач на младински иницијативи прераснати во други социјални претпријатија со импакт.

Еко – хабитат: Која е главната мисија и цел?

Марија: Нашите производи се издвојуваат по тоа што се еко продукти кои се локално произведени и кои креираат еколошки и социјален импакт. Целта која сакаме да ја постигнеме со ваков бизнис модел, кој впрочем покрива 6 од 17те цели за оджлив развој креирани од ОН, е да бидеме реален пример за тоа како може да се успее да се биде бизнис а сепак да се приоретизира импакт. Секоја продажба директно влијае на намалувањето на биоотпадот, а со тоа намалувањето на загадувањето на воздухот и почвата и за крај ќе учествува во борбата за намалување на високата стапка од 46% младинска невработеност со посебен фокус на млади од маргинализирани категории. Можеме да кажеме и дека во целост ќе бидеме zero waste со тоа што нашиот финален отпад оди на компостирање кај МамаОргана, зелен циркуларен социјален бизнис кој од нашиот отпад прави компост, пакуваме во биоразградливи пакувања и правиме еко достава.

Еко – хабитат: Зошто сметаш дека е важно младите да се вклучуваат во зелени бизниси?

Марија: Добропознатото младите се иднината колку и да звучи клише, е природна вистина, начинот на кој ние денес ќе донесеме одлуки за тоа како и од каде ќе купиме и работиме, ќе се одрази на идните генерации како индивидуи и врз животната средина. Во времето во кое денес живееме за младите има се поголеми и поголеми можности, имаат простор слободно да се изразуваат и творат, а социјалното преприемништво е им дава простор тоа да го претворат во бизнис кој ќе им помогне да бидат финансиски одржливи, а притоа да допринесат за доброто на заедницата. Економијата полека но сигурно се трансформира во зелена, па така треба и сите претприемачи

Еко – хабитат: Што имаш да им порачаш на младите?

Пица, хахах (it always works). 😊 и секако да купуваат еко – производи и поддржуваат македонски млади бизниси.

Еко – хабитат: Како гледаш на првата платформа за одржливост и еколошки производи, Еко – хабитат?

Марија: Платформата Еко-Хабитат е дигитална алатка која ни помага да се прориентираме кон посвесно купување и намалување на консумеризмот. Ни дава простор нам, социјалните и зелени преприемачи, да ги пласираме нашите производи и со тоа го поддржува локалниот бизнис сектор. Додека на купувачите им го олеснува пристапот до еколошки алтернативи на конвенционални производи кои загадуваат. Затоа, огромно задоволство ми претставува што нашите производи официјално ќе може да ги најдете и купите на оваа платформа која спојува луѓе со импакт.

Posted on

Што значи концептот – нула отпад (zero waste)?

“It cannot be right to manufacture billions of оbjects that are used for a matter of minutes, and then are with us for centuries.”

– Roz Savage

Краткиот едноставен одговор за тоа што е нула отпад звучи вака: го намалуваме она што ни е потребно, истотото тоа, повторно го користиме доколку и колку што можеме, нешто што ќе остане го рециклираме, а она што не можеме да го рециклираме, го компостираме.

Помалку едноставниот одговор е дека навистина се работи за редефинирање на системот. Во моментов живееме во линеарна економија каде што земаме ресурси од земјата и потоа изменети ги фрламе назад. Целта на нула отпад концептот е да стане дел од циркуларната економија, каде што ѓубрето се намалува до степенот кога како такво веќе и не постои. Наместо да ги потрошиме ресурсите, создаваме систем каде што сите ресурси може целосно да се вратат назад во системот на природата и нашето живеење.

Ние како тим кој се грижи за да се намали консумеризмот сме тука да ви ги понудиме сите опции за полесна транзиција кон поодржлив начин на живеење, со нула отпад и практикување на циркуларен модел, а токму поради тоа сакаме да ви споделиме и 10 практики за тоа како полесно може да го направите:

–        Заменете ги пластичните ќеси со платнени торби
–        Секогаш носете шише со вода или шолја за кафе за повеќекратна употреба
–        Заменете ги пластичните со бамбусни или хартиени цевки
–        Користете менструална чашка за повеќекратна употреба наместо хигиенски влошки
–        Заменете ги пластичните четки за заби со алтернативa ( на пр. од бамбус)
–        Купувајте храна која не е во пластично пакување
–        Променете ги сијалиците во LED
–        Користете природни и алтернативни производи за чистење
–        Заменете го вашиот пластичен кујнски сет со бамбусен
–        Избегнувајте импулсивно купување

“Single-use plastic is a ticking time bomb for the environment. Avoid it wherever and whenever possible.”

– Jennifer Nini