Posted on

Чекор по чекор до одржливо живеење

Сите знаеме колку е важно да го намалиме нашиот еколошки отпечаток, но доколку не знаеме од каде да почнеме може да изгледа навистина страшно. Ова се случува токму поради причината дека многумина од нас живеат живот кој целосно се коси со принципите на одржливо живеење – купуваме премногу и фрламе подеднакво, трошиме многу електрична енергија, се произведува пластика која ја загадува околината и воздухот.

Кога сакаме да започнеме со одржливо живеење, многу е важно да го знаеме фактот дека тоа не може да се случи наеднаш и веднаш, туку целиот процес оди постепено, односно како ние милуваме да кажеме – чекор по чекор.

Во прилог пет мали чекори кои може да ги направите за почеток:

1. Сменете го начинот на перење на алиштата

Околу 25% од јаглеродниот отпечаток на облеката доаѓа од начинот на кој ја переме и негуваме. Синтетичките влакна како полиестер фрлаат ситни микропластични честички во доводот на вода, додека прекумерното перење исто така го намалува животниот век на облеката.

2. Пробајте да најдете и јадете „отфрлена“ храна

Повеќе од една третина од фармерското овошје и зеленчук никогаш не успеваат да стигнат до полиците на супермаркетите затоа што се сметаат за „премногу грди“ – што претставува голем проблем за планетата, бидејќи отпадот од храна е одговорен за шест проценти од вкупните емисии на стакленички гасови во светот.

Јадењето на крив морков или краставица е најмалку што можеме да направиме за нашата планета.

3. Променете дел од вашите навики за потрошувачка на енергијата

Ако, како нас, сè уште го слушате гласот на вашите родители во главата кои ви велат да ги исклучите светлата кога ќе излезете од собата, сега е време да почнете да слушате. Додека технологијата за домаќинство станува почиста и попаметна, сè уште има многу простор да ги разбереме нашите лоши навики – а во исто време да заштедиме пари. Ако можете, префрлете се на снабдувач со енергија што користи обновлива електрична енергија од соларни, ветерни и хидро извори.

4. Купувајте тоалетна хартија на големо (Yes, really!)

Наместо да ја купувате вашата тоалетна хартија во мали пакувања од супермаркет, погледнете ги опциите за испорака на големо. Плус поени ако можете да најдете спакувана во хартија без пластика

5. Поправање (repair), повторна употреба (reuse), рециклирање (recycle), намалување (reduce)

Запомнете ги четирите Р за одржливо однесување и применувајте ги во пракса секогаш кога сте во можност:

Поправете се што е скршено или истрошено пред да купите ново, или со тоа што ќе го однесете кај експерт или пак сами преку упатствата кои може да ги најдете на интернет.

Повторно употребете сè што можете, од пренаменување на контејнери за носење до користење на стари маици како партали за чистење.

Рециклирајте правилно!

Намалете ја потрошувачката колку што можете; без разлика дали тоа е преку предизвик без купување, изнајмување, замена, позајмување или едноставно поставете си го прашањето: „Дали навистина ми треба ова?

За крај, запомнете – не можеме да го купиме нашиот пат до поздрава планета, но можеме подобро да го искористиме она што веќе го имаме. Помалку навистина е повеќе!