Posted on

Колку може да се користи талогот од кафе во урбаното градинарство?

Кафето е едно од најпопуларните пијалаци во светот. Според Статиста, потрошувачката на кафе само во 2020-2021 година е 166.63 милиони 60 килограмски ќеси. Тоа значи и создавање на огромна количина на органски отпад. Дали може да го смениме ова? И како би можеле да го користиме кафето?

Истурањето на талогот во растенијата е практика која ни ја пренеле постарите, заедно со препораката дека не треба да го правиме ова често. Зошто?

Инхибирачко дејство

Талогот од кафе (spent coffee ground SCG) има инхибирачко дејство врз развојот на растенијата. Многу студии покажале дека дури и мали дози на талог од кафе измешан со почвата или супстратот на кој се одгледуваат растенијата, предизвикува нивно намалено растење. Се претпоставува дека фенолите кои ги содржи талогот се должни за оваа карактеристика. Но, инхибирачкото дејство на талогот се намалува со текот на времето. Така едно јапонско истражување на дејството на талогот од кафе врз легуминозни растенија и треви, од 2014 година, покажало дека првата година развојот на културите бил инхибиран, но веќе наредната година, на истата почва растенијата покажале подобар развој отколку на контролата. Исто така, апликацијата на коњско ѓубриво го анулирало инхибирачкиот ефект на талогот уште првата година и дополнително дало подобри резултати отколку користењето на исклучиво коњско ѓубриво.

Да сумираме, талогот од кафе може да има долгорочно позитивно влијание врз растенијата, но краткорочно – ќе го забави растот на растенијата. Ова дејство овозможува да може да се користи како мулч (во тенок слој) и на тој начин да се спречи развојот на плевелите или за компостирање, што ќе овозможи да се изгуби инхибирачкото дејство.

Влијание врз почвата

Постојат многу различни податоци за pH на талогот од кафе, сепак, доколку ги земеме предвид објавените научни студии, може да заклучиме дека талогот од кафе има влијание врз зголемување на киселоста на почвата. Веројатно, типот на кафе има влијание врз киселоста, но повеќето податоци укажуваат дека pH се движи од 4,8 до 5,8.

Талогот од кафе влијае и врз намалување на содржината на карбонати во почвата,  значајно зголемување на содржината на калиум, збогатување на почвата со јаглерод, азот, фосфор и со микроелементи како бакар, цинк и железо. Дополнително, талогот од кафе ги врзува пестицидните резидуи и тешки метали како кадмиум.  

Талогот има дејство и врз зголемување на електричниот кондуктивитет, кое дејство со време се губи. Покрај тоа, делува и на намалување на привидната густина и зголемување на водозадржливоста на почвата, што значи може поволно да делува на водно-физичките својства на почвата. Исто така се покажало дека ја стимулира активноста на почвените микроорганизми, а бактериите и габичките кои се развиваат при разградувањето на талогот, превенираат развивање на некои патогени микроорганизми.

Една неодамнешно објавена студија ги разгледува ефектите на талогот од кафе и лушпите од јајца како подобрувачи на почва. Така, мешавините од овие два „отпадоци“ се покажале како особено вредни подобрувачи на почва, кои можат да ги облагородат лесните почви со ниска pH, заради високата содржина на калциум и магнезиум како алкализирачки компоненти и заради збогатувањето на почвите со калиумот кој го содржат.

Компостирање

Талогот од кафе е супер материјал за компостирање. Компостирањето овозможува да се искористат сите позитивни влијанија на талогот и да се намали инхибирачкото дејство.  

Неколку детали во врска со користењето на талогот од кафе:

· талогот од кафе не треба да биде повеќе од 20 % од целосниот материјал што се компостира, за да се избегне фитотоксичниот ефект

· талогот треба да се додаде во материјалот за компостирање само откако ќе се излади, со цел да не се уништат корисните микроорганизми

· да се користи во мали количини при вермикомпостирање, како би се избегнало потенцијалното лошо влијание врз црвите

· доколку се користи како мулч, да се аплицира тенок слој, уште подобро доколку дополнително се покрие со кора од дрво или друг сличен тип материјал за мулчирање

· талогот може да се додаде околу ацидофилни растенија како боровинки, азалеи, кринови и др.